Топлински мост

ШТО СЕ ТОА ТОПЛИНСКИ МОСТОВИ?

Ви се појавува ли влага (мувла) по ѕидовите, на и околу прозорците?
Дали подот блиску до терасите во зима е непријатно студен?
Имате ли чувство дека низ ѕидот или низ прозорците дува? Дали трошоците за греење Ви се големи?

И пPicture2окрај направената „добра“ изолација на фасадата, сепак постојат места кои без посебни мерки не е можно доволно да се изолираат. Како на пример бетонските плочи од терасите, аглите на објектот, слемето и стреите на кровот, околу прозорците и вратите, разни бетонски елементи (греди, надвратници, натпрозорници и сл.)... Ваквите „слаби“ места во обвивката на објектот се викаат топлински мостови.

Загубите на енергија низ топлинските мостови можат да бидат огромни (30% до 70% од вкупните загуби во објектот), а често допринесуваат и за појава на мувла и влага на ѕидовите и по прозорците.

Намалувањето на топлинските мостови е од исклучителна важност за економичноста, но и за здравјето на луѓето. Со „мали тајни и големо знаење“, при монтажата на прозорците, при изведбата на бетонските плочи од терасите и при изработка на топлинската изолација на фасадата, можно е скоро целосно елиминирање на топлинските мостови.

ШТО МОЖЕМЕ НИЕ ДА СТОРИМЕ ВО ВРСКА СО ТОПЛИНСКИТЕ МОСТОВИ?

Да ги лоцираме...

... уште во проектот, со што ќе овозможиме најбезболно, наједноставно и најефтино елиминирање на топлинските мостови

... во текот на изградбата на објектот. Со ревизија на проектната докумемтација и со помош на увид на објектот во градба, ги лоцираме слабите места и потенцијалните појави на топлински мостови.

... после вселувањето на објектот. Со снимање со инфра црвена термографија, сензорско контактно мерење на температурата, како и со сензорско мерење на протокот на топлина низ елементите, ги лоцираме топлинските мостови во сите елементи на објектот (греди, столбови, ѕидови, вентилациони канали, прозорци, рамки на прозорци, стаклопакети итн.)

 

Да ги пресметаме/измериме, топлинските загуби низ топлинските мостови...

... во текот на изработката на проектната документација. Со помош на софтверски пакети и големото искуство и знаење, правиме анализа и пресметка на секој топлински мост поодделно.

... во текот на изградбата и после вселувањето на објектот. По лоцирањето на топлинските мостови и извршените мерења, вршиме пресметки на топлинските загуби.

Да ги намалиме/елиминираме топлинските мостови...

... во текот на проектирањето на објектот. Располагаме со знаење и технички решенија за елиминирање на топлинските мостови и наједноставно и најефтино за инвеститорите е истите да се предвидат уште во фазата на изработка на проектната документација.

... во текот на изградбата. Доколку во текот на проектирањето, од најразлични причини, не се предвидени никакви мерки за елиминирање на топлинските мостови, се уште може да се направи многу и без големи дополнитени зафати. Во вакви ситуации, после направените мерења, анализи и пресметки, пристапуваме кон елиминирање или намалување на топлинските загуби. Располагаме со соодветни материјали и опрема наменети за елиминирање на топлинските мостови.

... по вселувањето на објектот. Иако на прв поглед изгледа многу тешко елиминирањето на топлинските мостови во веќе вселени објекти, располагаме со материјали и опрема кои и во вакви ситуации се ефикасни во намалувањето или целосното елиминирање на топлинските загуби низ топлинските мостови

Подетално за топлинските мостови, нивно откривање и санирање може да се информирате од интервјуто на м-р Андреј Андреев дадено за еден од порталите во Македонија кој што се занива со темата енергетска ефикасност. Примерок од интервјуто е во продолжение

 

Интервју на м-р Андреј Андреев

Низ ТОПЛИНСКИТЕ МОСТОВИ ни истекуваат парите и не напушта здравјето

Сé почесто сретнувам избезумени луѓе поради мувлата што им се појавува во домот. Други, мака мачат да го загреат просторот, иако греењето им е „одвртено до максимум“. А речиси сите се незадоволни од висината на трошоците за загревање…

Што се случува?

Кога мувлата се појавува, кога тешко се загревате и кога сметките се високи, не се случува ништо ново и спектакуларно. Случувањата биле при изградбата а многу често уште при проектирање на објектите. Се уште и ден денес, топлинските мостови кај нас, најчесто, се комплетно занемарена проблематика. Според нашите прописи, топлинските мостови воопшто не се пресметуваат, туку загубите на енергија низ нив се усвојуваат како 30% од вкупните загуби во објектот. Но, дали е тоа толку едноставно?

Кај објект, кај кој изолираноста на обвивката е многу ниска (пример со Uwall > 0,5 W/(m2K) и Uwindow > 3 W/(m2K), топлинските мостови како процент од вкупните загуби на енергија, се занемарливи и не влијаат во голема мерка. Но, што се случува кога се работи за добро изолиран објект, со на пример Uwall = 0,25 W/(m2K) и со добри прозорци со Uwindow = 0,85 W/(m2K)? Дали и тогаш загубите низ топлински мостови се само 30% од вкупниот проток на енергија низ обвивката? И доколку, ете како за чудо, некој пресметал колкави се топлинските загуби низ топлинските мостови, дали пресметал колкава ќе биде температурата на ѕидните површини, од внатрешната страна? За да дојдеме до одговори на овие дилеми, а со тоа да видиме дали можеме да им помогнеме на сите оние кои имаат мака со мувлата и влагата, со удобноста, но и со големите трошоци за греење, најважно е да го разбереме механизмот на топлинските мостови. Круцијално е да го запознаеме „непријателот“ за да можеме успешно да го совладаме.

Што се тоа топлински мостови?

Го знаете ли она чувство дека околу прозорците дува, а тие се нови и убави? Сте го почувствувале ли подот колку е студен во близина на балконите? Дали некогаш Ви се случило прозорците или ѕидовите да кондензираат вода, дури и да се прашате дали можеби протекуваат? Сте се соочиле ли со неверојатно ладни места на ѕидовите, иако убаво греете? Имате ли мувла или влага по аглите? За сите овие појави, главен „виновник“ се токму топлинските мостови.

1505509_735738866460688_446212676_n

Топлинските мостови се „слаби места“ во топлинската изолација на објектот, каде заради разни причини истата се намалува, се прекинува, воопшто ја нема или има премин од еден во друг тип материјал. Причините кои доведуваат до топлински мостови се: геометриски – места каде изолацијата го менува својот правец, состав или дебелина (агли, слемиња, стреи, греди и столбови, монтажа на прозорците во ѕидовите и слично) или конструктивни – места каде конструктивни елементи од објектот ја пробиваат изолацијата (најчест случај се балконските конзолни плочи и греди, но често и разни столбови и ѕидови кои заради потребите од стабилност на конструкцијата не смеат да се прекинат).

Сега кога малку подобро го запознавме „непријателот“, може да разбереме дека по ваквите мостови, топлината непречено патува.  И тоа колку е поголема температурната разлика помеѓу внатре и надвор, толку сообраќајот низ овие мостови е погуст и се одвива со поголеми брзини. Колку мостовите се пошироки, толку и протокот низ нив е поголем, идентично како и кај сообраќајните мостови. Негативните ефекти од топлинските мостови се далеку поголеми во ладните отколку во топлите периоди, бидејки во зима температурната разлика внатре/надвор може да достигне и преку 35оЦ, додека во летните периоди ретко надминува 13оЦ. Геометриските топлински мостови најчесто се места со намалена топлинска изолација, додека конструктивните топлински мостови по правило се целосно неизолирани места. И кај едните и кај другите, резултат се ниски температури од внатрешната страна на елементите.

10157284_735738846460690_322133900_n

Секој познавач на термодинамиката, со низа од неколку калкулации, а во зависност од надворешната и внатрешната температура, како и од топлинскиот коефициент на материјалите, може брзо и лесно да пресмета колкава ќе биде температурата на тие елементи од внатрешната страна. Оние кои не ја владеат термодинамиката, тоа може да го направат со некој од многуте достапни софтверски пакети. Последен можен начин е да се измери температурата на тие површини со помош на термометар. Но тогаш веќе е многу доцна за да се превземат мерки, а тие да не чинат енормно скапо. Како и да е, по кој метод и да работите, изненадувачки е дека во зимскиот период температурите на внатрешните површини, онаму каде што се појавуваат топлинските мостови, паѓаат и под 13оЦ. Во некои поекстремни случаи температурата на ѕидот од внатрешната страна може да се симне и до неверојатни 3оЦ. Сега замислете го вашиот дом или работен простор и обидете се да се сетите колку агли има на фасадата, колку стреи, колку прозорци и колку балкони имате. Сите тие претставуваат линиски топлински мостови низ кои течат вашите пари, низ кои се губи вашето здравје и сите тие се места каде постои опасност од појава на мувла или влага. А зачудувачки е дека со децении ваквите појави се занемаруваат.

Тука и сега е вистинско место и точно време да разбиеме уште една голема заблуда која гласи: просториите под земја не треба да се изолираат бидејки земјата е најдобар изолатор. Ако знаеме дека за нашите климатски услови, температурата на земјата на длабочини до 10м варира од 9оЦ до 12оЦ, само по себе кажува дека загубите кон земјата се и тоа како незанемарливи. Посебно ако веќе сте успеале да постигнете добра изолираност и ако сте ги еломинирале или до максимум, сте ги намалиле топлинските мостови кон воздухот.

Сега кога го разбравме механизмот на топлинските мостови, кога го запознавме „непријателот“ на нашиот џеб и на нашето здравје, се наоѓаме на половина пат од победата над него. Победата над топлинските мостови е единствен начин до навистина удобен и енергетски ефикасен објект и само тогаш, има смисла инвестицијата во добра изолација и квалитетни прозорци.

Како да се победат топлинските мостови?

Само со добро планирање, со употреба на вистински материјали и со прецизно изведени детали, може да извојуваме победа. При решавањето на топлинските мостови, пристапот е различен и зависи од видот на проблемот.

Важно е уште при проектирањето, со разни архитектонски и конструктивни мерки, долгите линиски топлински мостови да се сведат на што пократки или дури и на т.н. точкасти топлински мостови. Со тоа е направен најголемиот и најевтин чекор до надминувањето на проблемот.

Следниот чекор е решавање на деталите за оние линиски топлински мостови, кои и покрај големата желба да ги отстраниме, сепак останале да пркосат. Решавањето на геометриските топлински мостови, како што се аглите на фасадните ѕидови или бетонските греди и столбови, е за нијанса поедноставен проблем отколку проблемите кај конструктивните топлински мостови. Со употреба на „мали мајстории“ се употребуваат материјали со помала топлинска проводливост, токму на тие места и со тоа проблемот е решен.

Но што да се прави со конструктивните топлински мостови, како што се балконите и разни настрешници или стреи? Навидум ваквите топлински мостови се нерешливи, бидејки секаков прекин на конструкцијата ја загрозува стабилноста. Сепак, за секој технички проблем, постои и техничко решение. На пазарот веќе постојат елементи кои се вградуваат во бетонот или челикот, кои во целост ја превземаат конструктивната носива улога а при тоа се изработени од материјали кои имаат висока моќ на топлинска изолација. Со тоа, што би рекол нашиот народ, „и волкот е сит и овците се на број“.

И на крај, посебно внимание посветувам на прозорците. Поголемиот дел од нас веќе имаат искуство со набавка, монтажа или промена на прозорци. Сите истражувања на нашиот пазар покажуваат дека сериозни топлински мостови доаѓаат токму од прозорците и тоа од две причини. Првата е од монтажата на прозорците во ѕидот, а втората е од изработката и монтажата на стаклото во рамката на прозорецот. И за едното и за другото, неопходно е да се постигне потребната топлоизолираност, но и воздухонепропустливост. А со т.н. пур-пена околу прозорецот, метални дистанцери меѓу стаклата од стаклопакетот и поставувањето на стаклото со т.н. пакни или подметки, повеќе од сигурно е дека парите за квалитетни прозорци се бесполезно потрошени. Иако на прв поглед овие проблеми изгледаат ненадминливи, сепак во напредните земји постојат материјали, елементи и методологии кои овие проблеми ги надминуваат во целост.

< ГОРЕ